Во организација на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија денеска се одржа работен состанок на истражителите од истражните центри формирани во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и во основните јавни обвинителства во Скопје, Куманово и во Тетово.
На состанокот се анализираше функционалноста на истражните центри, се разменија искуства од досегашното работење и се дискутираа препораки за натамошен развој.
Во своето обраќање, Јавниот обвинител на Република Северна Македонија нагласи дека и покрај заложбите за јакнење на капацитетите на истражните центри, а со самото тоа и за осамостојување на јавните обвинителства во водењето на истрагите, финансиските ресурси кои државата ги издвојува за оваа намена сепак не се доволни.
„Зборуваме за истражни центри, а ниту еден истражен центар не може да функционира и да одговори на задачите без современа опрема, без средства за преземање на истражните дејствија, за што сега во главно се потпираме на донации. Правдата е инвестиција на целата држава“, рече Коцевски.
Тој најави дека ќе ги посети сите основни јавни обвинителства во државава, а едно од прашањата кое притоа ќе го испита е потребата за формирање истражни центри и во други обвинителства со проширена надлежност.
„Доколку таква потреба биде препознаена, ќе ве повикам да ги споделите своите искуства и да го пренесете начинот на функционирање кој веќе дава резултати. Исто така, ќе ве охрабрам да ги користите и сите можности и канали за меѓуинституционална, но и меѓународна соработка кои дополнително ќе ви ја олеснат вашата работа и ќе придонесат за вашата ефикасност“, додаде Коцевски.
Во однос на меѓународната соработка, свое излагање имаше Ленче Ристоска, јавен обвинител за врски со Европравда, која ги презентираше можностите за институционална поддршка од меѓународен карактер. Имајќи го предвид значењето на финансиските истраги, полициски службеници од Република Словенија споделија компаративни искуства околу начинот на спроведување на финансиските истраги.
Истражителите самостојно преземаат голем број различни дејствија – прибирање документација, барања до институции, учествуваат при претреси и лишување од слобода на лица, а се ангажирани и во дејствија на меѓународна соработка со истражни органи од други земји. Во 2023 година бројот на предмети во кои постапувале истражителите од истражниот центар на Основното јавно обвинителство Скопје е практично речиси удвоен – од 150 предмети во 2022 на 287 предмети во текот на 2023 година. Вкупниот број на оперативни истражни дејствија преземени преку овој истражен центар е неколкукратно зголемен во однос на претходната година. Воспоставено е поврзување со базите на податоци на Централниот регистар, на МВР, со базите на податоци на Агенцијата за катастар на недвижности и Агенцијата за вработување, со што практично се зголеми ефикасноста на постапувањето.
По целосното опремување на новите простории на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција значително се подобрија условите за функционирање и на тој истражен центар.