Соопштенија

Годишно обраќање на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љубомир Јовески

Почитувани, колеги јавни обвинители, почитувани претставници на медиумите,

Зад нас е 2019-та, година во која јавното обвинителство беше поставено пред бројни предизвици. Година во која ја покажавме неселективноста во спроведување на законите, година во којашто  на политичарите и моќниците им стана јасно дека одлуките  не се носат во  нечии кабинети, туку нив ги носат  обвинителите самостојно. И затоа вие колеги обвинители ја имате мојата целосна поддршка да не потклекнувате на ничии притисоци, да работите во рамките на вашата надлежност, без мешање од страна.

Само на овој начин, почитувајќи ја правната сигурност и владеење на правото, Јавното обвинителство ќе ја  постигне својата цел за ефикасност на кривичната правда со што ја зголеми довербата кај граѓаните.

Еден од принципите, за кои особено инсистирам е транспарентоста. Слободно можам да кажам дека од една од најзатворените институции, сега имаме редовна и навремена комуникација со јавноста и со медиумите. Обинителството, почитувајќи го начелото за презумпција на невиност ги објавува сите информации, за кои нема законска пречка и кои нема да наштетат на постапката. Јавните обвинители директно споделуваат информации и говорат за предметите по кои постапуваат.  Обвинителите ја  сфатија потребата од  доближување на нивната работа до јавноста, бидејќи граѓаните имаат  право на вистинита и навремена информација.  Особено сакам да ја нагласам неопходноста од редовна комуникација меѓу обвинителството и медиумите. Вие,  новинарите, можете да бидете само поддршка во нашата работа. Ваквиот начин на работа и во иднина ќе се надградува, бидејќи само со поддршка од јавноста, работењето на јавното обвинителство ќе придонесе за зајакнување на правната сигурност која на сите ни е потребна.

Имаме и проблеми и слабости, но имаме пред се подготвеност за одговорно и ефикасно справување со криминалот. Во годината која изминува, се отворија истраги и обвинителите сериозно работеа и работат  сторителите на кривични дела да бидат казнети. Внимателно се следат случувањата, и сега, за разлика од порано, се постапува и по сопствена иницијатива. Дека никој не е над законот, покажуваат и истрагите кои ги водиме, покренати се постапки и против јавен обвинител, судија, пратеник, службени и одговорни лица. Јавните обвинители во текот на 2019 година отворија и постапуваа по неколку предмети во кој се гонат лица за сторени кривични дела од областа на висока корупција. Обвинителството покажа дека има капацитет, самостојност и стручност да се справи со секаков вид на криминал и да води постапка против секој кој сторил кривично дело без оглед на неговата позиција.

Еден од големите предизвици беше опасноста предметите од Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите да пропаднат. Затоа донесовме одлука за преземање на овие предмети.

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија од  СЈО презеде  три  предмети по кои е донесена правосилна пресуда, два предмета за кои е донесена првостепена пресуда, 20 предмети кои се во фаза на судење, 19 предмети по кои се спроведува истрага, шест  предмети кои се во предистражна постапка, 80 други предмети кои се однесуваат на предистражна постапка и дел по барања за воспоставување надлежност, 38 предмети по кои се спроведува финансиска истрага и три предмети по вонредни правни лекови. Предметите, според нивната итност, се прераспоредени на надлежните јавни обвинителства и се дадени овластувања, јавните обвинители да продолжат со преземањето на дејствијата.

Она што е неопходно, не заради Брисел, е носење на нов Закон за јавно обвинителство, но ќе подвлечам квалитетен и издржан закон, а не решенија кои ќе бидат резултат на дневно-политички договарања. Подобро да не се донесе закон, отколку да се изгласа закон со вакви решенија.

Сакам да ве уверам, но и да одговорам на некои неосновани и паушални обвинувања. Работиме професионално, без никакви притисоци од надвор, не ставаме предмети под тепих, но не дозволуваме избрзување или обвинувања без докази. Обвинителството ги прибира и анализира доказите и врз основа на нив донесува јавнообвинителски одлуки, со кои одговораме на основната цел – функционирање на правниот систем. Ние сме за вистината, без оглед кој ја зборува. Ние сме за правдата врз основа на факти и докази.

Во текот на годината презедовме активности за отворање и ставање во функција на 4 истражни центри и тоа во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и во основните јавни обвинителства Куманово, Тетово и Скопје. Сакам да се обратам и до надлежните да имаат разбирање за неопходната финансиска поддршка за да можат истражните центри да станат функционални.

Во оваа година ги подобривме просторните услови на 11 основни јавни обвинителства. Од овие 11, три  добија  нови, комплетно опремени  простории.

Преку обезбедување нови простории или реновирање на постоечките, обезбедени се солидни услови за функционирање на половина од основните јавни обвинителства во земјава. Средствата за реновирање или за опремување на новите простории за повеќето обвинителства се обезбедени од фондовите на Европската Унија.

Во текот на годинава ја продолживме и ја зајакнавме меѓународната соработка, особено во делот на откривање на дела од финансиски криминал, трговија со луѓе и трговија со дрога.  Потпишани се меморандуми за соработка во кривичната материја. Реализирани се неколку заеднички истраги со повеќе држави. Во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија е оформена АРО – канцеларија за следење на имот кој потекнува од сторени кривични дела во меѓународни рамки. Имавме повеќе билатерални средби, на кои разменивме искуства и ја продлабочивме соработката во меѓународната правна помош.

Повеќе од една година имаме јавен обвинител за врски во Европравда, европската правосудна мрежа и во консултативниот совет на европските јавни обвинители.

Во оваа прилика сакам да најавам дека поединечо ќе се оценува  работата на секој јавен обвинител преку систем за утврдување на  резултатите на обвинителите. На овој начин ќе се евидентира работата и ќе се детектираат   слабостите во работата на секој јавен обвинител со единствена цел-зголемување на ефикасноста во постапувањето.

Пред обвинителството има многу работа, но ние сме подготвени за одговорна, ефикасна и отчетна работа.

И на крај, сакам да ви се заблагодарам за соработката, да ви ги честитам празниците, и да ви посакам успешна и среќна 2020 година на вас и на вашите семејства.

Ви благодарам