Основното јавно обвинителство Гостивар денеска до надлежниот суд поднесе Обвинителен предлог против 49-годишен жител на Гостивар кој го сторил кривичното дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетиот на 24 април 2021 година, во 17:10 часот, со употреба на сила спречил сообраќаен полицаец во вршење на неговите службени дејствија – пренасочување на сообраќајот на булевар „Браќа Ѓиновски“ во Гостивар. Обвинетиот управувал патничко моторно возило со кое со намера да се приклучи кон булеварот „Браќа Ѓиновски“, се приближил до службеното лице полицаец, иако тој давал знак дека не смее да се продолжи по булеварот. Обвинетиот не го почитувал дадениот знак, се доближил со возилото до службеното лице и му рекол дека сака да продолжи по булеварот. По дадено објаснување од службеното лице и барањето да се почитува дадениот знак, обвинетиот со агресивно однесување се обратил кон полицаецот со зборовите „јас ќе одам каде сакам“. Полицаецот побарал од обвинетиот да му ги даде документите за да го идентификува, но во тој момент обвинетиот го удрил по рака оштетениот полицаец, го фатил за ракавот од униформата и започнал да вози со голема брзина. Откако поради други возила запрел, обвинетиот продолжил да се заканува на службеното лице – полицаец, го турнал со двете раце, со што му нанел и телесни повреди.