Соопштенија

Идентификувани 23 прекршители на полицискиот час во Сингелиќ, побарани парични казни

Постапувајќи по поднесена кривична пријава, Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Предлог за издавање казнен налог против вкупно 23 лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите се идентификувани како лица кои на 13 април околу 22 часот, за време на полицискиот час, биле затекнати групирани надвор од нивните домови во Сингелиќ. Со ова тие постапиле спротивно на Одлуката за забрана и посебен режим за движење на територијата на Република Северна Македонија, донесена со цел спречување на заразната болест COVID-19.

Надлежниот јавен обвинител му предложи на судот на секој од обвинетите да им изрече парична казна од 100 дневни глоби, а вредноста на секоја дневна глоба да биде одредена на 35 евра во денарска противвредност.

Во врска со настанот во Сингелиќ на 13 април, Основното јавно обвинителство Скопје претходно поднесе Предлог за издавање казнен налог против три лица, со кој побара на лицата обвинети за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија да им бидат изречени парични казни од 100 дневни глоби од по 50 евра. Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по овој предлoг, веќе изрече првостепена пресуда со која тројцата обвинети ги огласи за виновни и им ја изрече паричната казна од по 5000 евра во денарска противвредност.