Соопштенија

„Интегритет, реформи, правда“ – одбележан Денот на правосудството

Под мотото „Интегритет, реформи, правда“, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Здружението на јавните обвинители организираа свечен настан за одбележување на 31 Март – Денот на правосудството.

„Да се изгради единствена, самостојна и цврста јавнообвинителска организација од почетокот до денес никогаш не била лесна задача.  Од недоволно финансии и кадар, преку чести и несоодветни законски измени или недоречености, до променливост на амбиентот во кој работиме и на довербата со која не перцепира јавноста. Но едно е константа за цело тоа време, а тоа е нашата заедничка решеност и посветеност да го изградиме обвинителството во вистински столб на правната држава“, истакна Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески во обраќањето на настанот.

Тој побара од сите јавни обвинители и од сите вработени во обвинителствата посветеност и одговорност за исполнување на заедничките институционални цели, а во исто време, им вети дека лично ќе се заложи за да им ги обезбеди условите во кои треба да работат.

„Свесни сме дека довербата на граѓаните во правосудниот систем не се гради преку зборови, туку преку дела. Таа се гради со транспарентност, со отчетност и со доследност во примената на законите. Секој предмет што го водиме, секоја одлука што ја носиме, придонесува кон таа доверба – или ја нарушува. Затоа, нашата одговорност е двојна: не само да постапуваме законито, туку и да покажеме дека правдата е видлива, разбирлива и достапна за сите“, нагласи Претседателот на Здружението на јавните обвинители Елвин Вели.

Обраќајќи се пред присутните, тој ја презентираше програмата со предвидени активности на Здружението на јавните обвинители до крајот на 2026 година.

На настанот им беа доделени благодарници за посветеноста и придонесот во унапредувањето на Јавното обвинителство на поранешните државни јавни обвинители, претседатели на Советот на јавните обвинители и претседатели на Здружението на јавните обвинители.