Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради постоење основано сомнение дека сторило кривично дело – Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи од чл.396 ст.2 во врска со ст.1 од Кривичниот законик.
Имено, при извршен претрес во домот на осомничениот од страна на Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје, кај лицето бил пронајден еден пушкомитралез „Degtyarev Type 56 RPD“ со калибар 7,62X39 мм од кинеско производство. Станува збор за оружје наменето за испалување муниција поставена во реденик, со автоматски режим, односно оружје кое им е забрането на граѓаните и за кое извршената анализа покажала дека исправно функционира.
Со оглед на околностите кои го оправдуваат стравот од опасност за бегство, надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судијата го прифати ваквиот предлог и на осомничениот со Решение му определи притвор во траење од 30 дена.