Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, казниво по член 215 став 1 од Кривичниот законик.
При претресот во домот на осомничениот 23-годишник на улица „Саса“, полицијата пронашла психотропна супстанција – 70 картончиња диетиламит на лизергинска киселина (ЛСД), како и 0,34 грама семки од канабис.
Одлучувајќи по предлогот на надлежниот јавен обвинител за определување мерки за обезбедување на осомниченото лице во текот на кривичната постапка, судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје донесе решение со кое на осомничениот му определи забрана за напуштање на живеалиштето/престојувалиштето, повремено пријавување кај службено лице во Судот и привремено одземање на патната исправа, односно забрана за издавање нова.