Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Разбојништво според член 237 став 4 во врска со став 1 и во врска со член 22 од Кривичниот законик.
Двајцата осомничени, на 4 август, влегле во продажен салон за бела техника и апарати на улицата „Ѓорче Петров“ и на тројцата вработени им се заканиле со автоматска пушка и пиштол. Од продажниот салон противправно одзеле 96.000 денари и 20 мобилни телефони. По извршеното разбојништво, во автомобил со регистарски таблички од друго возило, осомничените го напуштиле местото и се упатиле кон Сарај. Притоа биле забележани од полициски службеници кои неколкупати се обиделе да го сопрат возилото, но осомничените ја зголемувале брзината. Во близина на мостот Сарај, на излез од Скопје, биле запрени и лишени од слобода.
За едниот сомничен јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, додека другиот осомничен се наоѓа на издржување на казна затвор за друго кривично дело во КПУ Прилеп.