Постапувајќи по поднесена кривична пријава, надлежен обвинител од Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, презеде истражни дејствија против двајца полициски службеници поради постоење на основи на сомнение дека сториле кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување.
Имено на 14.12.2022 година на ГП Долно Блаце при обид на три лица да влезат со ПМВ марка Мерцедес во РСМакедонија, второосомничениот, полициски службеник во кабина, утврдил дека за двајцата албански државјани, во електронскиот систем се појавува мерка „задржи и извести“.Постапувајќи согласно протоколите во вакви случаи, за да продолжи со работа во системот, второосомничениот го информирал дежурниот полициски службеник и на патниците од возилото им наредил да се паркираат на страна, а третото лице – возачот на возилото и ПМВ воопшто не ги внесува во системот за регистрирање на влез во државата.
Првоосомничениот, раководител на смена, двајцата албански државјани кои на стоп листа биле бидејќи поседувале македонски патни исправи со украден идентитет, ги сместил во неговата канцеларија, додека третиот го испратил наводно по храна во Косово без притоа да го евидентира во системот за излез од државата. По одредено време возачот, по претходен договор со првоосомничениот, се вратил на граничниот премин и непречено ги земал задржаните лица, па заедно побегнале кон Косово без притоа да бидат забележани од пограничните служби.
На предлог на обвинителството на првоосомничениот му е изречена мерка притвор во траење од 8 дена, додека на второосомничениот со решение на судот му е одземена патната исправа.
Обвинителството продолжува да истражува инволвираност и на други лица во кривично правниот настан.