Основното јавно обвинителство – Куманово нареди спроведување на Истражна постапка против две полнолетни лица и еден малолетник поради постоење основано сомнение дека извршиле кривично дело – Разбојништво.
Имено, на 29.01.2015 година, на Автобуската станица во Куманово тие со употреба на сила му одзеле мобилен телефон и 300 евра на сириски државјанин, по што веднаш побегнале.
За двете полнолетни лица осомничени во овој случај, надлежниот јавен обвинител изготви предлог за определување на мерка притвор. Судијата нa претходна постапка во Основниот суд – Куманово за двајцата определи мерка притвор во траење од 30 дена.
За осомничениот малолетник, пак, исто така е предложена мерка притвор, со образложение дека доколку биде на слобода нема да биде достапен на државните органи, а може и да влијае врз оштетениот во текот на постапката.
Судијата за деца во Основниот суд – Куманово, постапувајќи по предлогот на надлежниот обвинител, ги повика родителите на детето, како и осомничениот малолетник за тој во присуство на бранител-адвокат да даде своја одбрана.