Соопштенија

Истрага за едно лице за сторено кривично дело криумчарење мигранти

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против дваесет и четиригодишен жител на Арачиново. Лицето е осомничено дека како соизвршител сторило кривично дело Криумчарење мигранти, предвидено и казниво по член 418-б став 4 во врска со став 2 од Кривичниот законик.

Осомничениот заедно со непознато лице, по претходен договор, во патничко моторно возило марка „Опел-Зафира“, во доцните ноќни часови, прифатиле десетмина мигранти од Авганистан, кои илегално влегле на територијата на нашата држава. Петмина од мигрантите биле малолетни лица од четиринаесет и петнаесет години. Откако ги сместиле во возилото, осомничениот и непознатото лице кое го управувало возилото, по регионалниот пат ПЕ 1102, се упатиле кон границата со Р.Србија.

Во близина на фабриката „ХИФ“ – Велес, во правец Градско – Велес на светлосната сигнализација од полициските службеници не застанале​, туку со брзина поголема од 100 км на час продолжиле да се движат. На околу 300 метри оддалеченост одеднаш го сопреле возилото и осомничениот и НН лицето се дале во бегство. Полициските службеници во напуштеното возило ги пронашле мигрантите, а по извршената претрага на теренот бил пронајден и лишен од слобода и осомничениот.

На предлог на обвинителството судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје, со Решение на осомничениот му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.