Соопштенија

Истрага за насилство врз семејство во Скопје

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице осомничено дека ги сторило кривичните дела – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 1 и Насилство од член 386 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 36-годишник, на 2 август, на булеварот „Никола Карев“ во Скопје, заедно со уште едно засега непознато лице, ја загрозил сигурноста на двајца сопружници и предизвикал чувство на загрозување и страв кај други присутни лица. Додека сопружниците и нивните две малолетни деца со автомобил Тојота се движеле по булеварот, оштетениот и другото лице претрчале пред нив. Осомничениот се доближил до возилото на оштетениот, ја отворил возачката врата, започнал вербално да се расправа, држејќи во раката пиштол марка TANFOGLU во кој имало рамка со 10 куршуми и за кои немал дозвола да ги поседува. Потоа започнал со клоци и тупаници да удира во задниот дел од возилото каде што седеле децата. Кратко потоа полицијата го лишила од слобода и му го одзела оружјето.

Со оглед на тоа што постојат околности кои упатуваат дека осомничениот би можел да се даде во бегство или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор. Имено, осомничениот претходно бил веќе осудуван за кривични дела, од кои еднаш за обид за убиство.