Соопштенија

Истрага за осомничен дилер на наркотична дрога во Тетово

Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 59-годишен тетовец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори согласно член 215 став 1 од Кривичниот законик.

На 13 април, при претрес во домот на осомниченит на улицата „Железничка“ во Тетово, полицијата пронашла вкупно 486,82 грама хероин, потоа 118,91 грама кокаин, како и 19 пакувања метадон раствор и дигитална вага со остатоци од наркотична дрога. Дрогата била спакувана во повеќе помали пакувања и скриена под работната маса во кујната. Кај осомничениот биле пронајдени и парични средства – дански круни, швајцарски франци и евра за кои постои сомнение дека биле стекнати со илегална трговија со дрога.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и можност да го повтори делото. Судијата го прифати предлогот и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.​