Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице на возраст од 29 години поради постоење на основано сомневање дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.
Осомничениот велешанец, на 11 март, неовластено заради продажба држел наркотична дрога – марихуана во вкупна количина од 4.957,86 грама и тоа во повеќе пакувања во градината пред куќата во која живее, во собата во која престојувал и во автомобилот. Дрогата е пронајдена и одземена од полициските службеници на СВР Велес при вршење претрес кај обвинетиот.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка на Основен суд Велес достави предлог за определување притвор против осомничениот, што е прифатено и на осомничениот му е определен притвор во траење од 30 дена.