Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице од Богданци, за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Разбојништво според член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
На 21 април, половина час по полноќ, осомничениот ставил црна маска на лицето, црн дуксер со капа на главата и ракавици на рацете, па со парче бетон го скршил стаклото од влезната врата на електронското казино лоцирано во Богданци на ул.„Маршал Тито“. Кон оштетената вработена вперил нож и влегол од внатрешната страна на пултот каде што била касата. Од таму одзел вкупно 65.000 денари во различни апоени.
Постапувајќи по поднесената кривична пријава, јавниот обвинител во ОЈО Гевгелија, до судијата на претходна постапка од Основен суд Гевгелија поднесе предлог за определување мерка притвор против осомничениот, бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека тој ќе се даде во бегство, ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и дека ќе го повтори кривичното дело.
Судијата го прифати предлогот и на осомничениот со Решение му определи притвор во траење од 30 дена.