Соопштенија

Истрага за тешката сообраќајна несреќа кај Блаце

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот според член 300 став 2 во врска со член 297 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот 64-годишник од Скопје на 17 јуни управувал со патнички автомобил „Фолксваген туран“ со скопски регистарски ознаки на магистралниот пат Скопје – ГП „Блаце“ во насока од југ кон север.

Кога дошол пред тунелот Бадар, каде сообраќајот е регулиран со сообраќајни знаци поради работа на пат, презел дејствие на претекнување на колона возила кои се движеле во ист правец. Во моментот на престигнувањето, дошло до контакт меѓу неговиот и автомобил „БМВ“ со косовски регистарски ознаки, кој се движел како трето возило во колоната која ја престигнувал осомничениот.

Како резултат на ударот, автомобилот „БМВ“ излегол од коловозот и паднал во коритото на реката Лепенец, при што од возилото успеал да излезе само еден од патниците, а телата на останатите тројца беа пронајдени следниот ден откако автомобилот беше извлечен од водата.

Во текот на истражната постапка, јавниот обвинител ќе преземе дејствија, ќе сослуша сведоци и ќе нареди повеќе вештачења за целосно испитување на настанот и на причините заради кои дошло до контакт меѓу двата автомобили.

Имајќи ја предвид возраста и здравствена состојба на осомничениот, но и потребата за негово обезбедување во текот на кривичната постапка, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје денеска достави предлог за определување мерка куќен притвор, како и дополнителна мерка на претпазливост – одземање на патна и друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање нова.