Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик.
Осомничениот 24-годишник, на 12 април околу 23 часот, при вршење семејно насилство во семејниот дом, го лишил од живот сопствениот татко. Имено, по вербална расправија поради претходно нарушени семејни односи, осомничениот му се приближил на својот татко и му задал повеќе убодни рани со нож во пределот на раката, главата и вратот. Оштетениот успеал да се оттргне и се упатил кон Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој бил во непосредна близина на неговото живеалиште, за да му биде укажана лекарска помош. Но поради обилно крварење како последица на повредите, тој починал пред влезот на Клиничкиот центар.
Бидејќи постојат околности кои упатуваат на опасност осомничениот да се даде во бегство или да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор.