Соопштенија

Истрага за задоволување полови страсти пред друг

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 63-годишен скопјанец за кого постои основано сомнение дека сторил три кривични дела – Задоволување полови страсти пред друг од член 190 од Кривичниот законик, од кои едното полово дејствие го извршил пред дете кое наполнило 14 години.

На 24 јули, патувајќи со воз, во близина на Скопје, осомничениот во еден од вагоните се доближил и започнал да допира малолетно девојче родено 2006 година кое патувало со возот. Тоа вознемирено се преместило на друго седиште, по што осомничениот продолжил кон друг вагон. Таму седнал спроти други две жртви и започнал да се самозадоволува на јавно место. Оштетените видно исплашени си ги зеле своите работи, го напуштиле вагонот и го пријавиле. Во возот влегле овластени службени лица, кои го привеле осомничениот и го однеле во полициска станица.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од криење односно дека ќе се даде во бегство, постои оправдан страв дека ќе ја попречува истрагата со влијание врз сведоците и вештаците, како и особени околности кои го оправдуваат стравот дека ќе го повтори кривичното дело. Судот го прифати предлогот на обвинителството и на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.