Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје во текот на ноќва и утринава издаде повеќе наредби и насоки со цел расчистување на настанот во кој при бегство на осудено лице од КПУ „Идризово“ – Скопје беше повреден еден припадник на затворската полиција.
По осуденото лице се трага под сомнение дека сторило кривично дело – обид за убиство на службено лице. Повредениот припадник на затворската полиција е задржан на лекување, додека останатите тројца кои го спроведувале осуденото лице и нивниот сменски командир се задржани во полициска станица. Дополнително уште неколку лица се повикани да дадат свој исказ во полициска станица за целосно испитување на настанот.
Со цел да се утврди дали во конкретниот случај се испочитувани законските процедури дали евентуално има основи за сомнение за кривично дело – противзаконито ослободување на лице лишено од слобода од член 373 од Кривичниот законик, јавниот обвинител веднаш нареди да се обезбедат снимки од видеонадзорот во КПУ „Идризово“ – Скопје, како и листинзи од мобилните телефони на службените лица. Од Управата за извршување санкции е побарано да изврши вонреден надзор врз почитувањето на затворските процедури.
За настанот е известен јавен обвинител од Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.