Дежурен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје заедно со увидни екипи на Министерството за внатрешни работи извршија увид на лице место во општина Чаир каде напладне две лица починаа при вршење ископ.
Несреќата се случила откако бил направен ископ на потегот од станбена зграда до улицата Ресенска со цел поставување на одводна канализација. Четири лица, татко, двајца синови и близок роднина, копајќи во близина на паркинг, ги поместиле плочките бекатон и ископале дупка за поставување на цевките. Во моментот кога во ископот се симнале три лица, се срушил дел од земјата која била околу ископот, при тоа затрупувајќи целосно две лица. Од настанатите повреди браќата, на возраст од 26 и 28 години починале на лице место. Третото лице, нивен роднина кој бил со нив во ровот бил делумно затрупан и се здобил со телесни повреди.
Во насока на расчистување на настанот и утврдување на причинско последичната поврзаност за несреќата и смртта на двајцата браќа, јавниот обвинител издаде Наредба за прибирање на податоци во врска со постоењето на градежна дозвола за вршење ископ, во однос на инвеститорот , како и изведувачот на работите. Издадена е и Наредба за вршење на обдукција на телата на починатите. На лице место беа повикани и службени лица од Државниот инспекторат за труд.
Дејствијата кои се преземаат од Основното јавно обвинителство Скопје ќе продолжат во континуитет се до целосно расчистување на кривично правниот настан.