Соопштенија

Коцевски и Абази на регионален консултативен форум за унапредување на соработката меѓу јавните обвинителства во Западен Балкан

Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази денеска учествуваат на вториот годишен Конслутативен форум на шефови на државни и специјални обвинителства во Западен Балкан, што во организација на Европравда се одржува во Тирана, Република Албанија. На состанокот присуствува и јавниот обвинител за врски на Република Северна Македонија со Европравда Ленче Ристоска.

„Нашиот регион се соочува со слични предизвици – транснационален криминал, корупција, трговија со луѓе, перење пари – и решенијата за овие предизвици, сè почесто, лежат во заедничко дејствување. Затоа, преку формализирање на нашата соработка – како што се склучување на договорите за формирање на заеднички истражни тимови, но и преку понепосредна спонтана размена на информации, ја зголемуваме не само ефикасноста на нашите институции, туку и правната сигурност за граѓаните кои очекуваат резултати“, истакна Коцевски во своето обраќање, додавајќи дека размената на оперативните информации, се повеќе добива на значење, за што говори и фактот што оваа година во рамки на АСЕТ проектот преку паралелни проверки во земјите на Западен Балкан на ВИП таргети, беа лоцирани противправно стекнати средства и имот во секоја од нашите држави, што беше од особено значење за кривичните постапки и за испраќање на цврста порака дека криминалот не е исплатлив.

Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во моментов има четири активни заеднички истражни тимови со други држави од регионот, кои се формирани со цел поефикасно справување со сложени форми на организиран криминал и корупција.

„Ние во последниот период сериозно се зафативме со борбата против нарко-картелите кои оперираат во Северна Македонија, кои освен трговијата со дрога, преземаат и други дејствија поради кои сведочиме на ескалација на насилството поврзано со пазарот на дрога – ликвидации, вооружени пресметки, заплашувања. Организаторите на овие дејствија не се маргинални групи, туку добро структурирани криминални организации со регионални и меѓународни врски. Овие мрежи оперираат преку шеми кои не познаваат граници и кои бараат подеднакво прекуграничен, брз и координиран одговор“, истакна шефот на ОЈОГОКК Ислам Абази.

Тој најави дека во следниот период постапките на обвинителството ќе бидат уште повеќе насочени и кон сложените форми на економски криминал и перење пари, за што регионалната и меѓународната димензија на финансиските истраги ќе стане еден од клучните приоритети.

На маргините на средбата во Тирана, македонските јавни обвинители остварија повеќе билатерални средби со колегите од регионот, на кои во детали разговараа за модалитетите за унапредување на заемната соработка. Исто така, делегацијата на македонското обвинителство предводена од Коцевски оствари средба и со претседателот на Европравда Михаел Шмит.