Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски учествува на состанок на високо ниво во Хаг, Холандија меѓу државните јавни обвинители од земјите од Западниот Балкан и Латинска Америка, организиран од Европравда. Во делегацијата се и јавната обвинителка за врски со Европравда Ленче Ристоска и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази.
Во своето обраќање, Коцевски на средбата ја нагласи важноста од развивање на комуникацијата и соработката меѓу обвинителствата за поефикасна борба против транснационалниот организиран криминал, особено во услови кога криминалните структури веќе успешно ги употребуваат во своја корист придобивките на напредокот и поврзаноста на технологијата, транспортот, финансиските текови и дигиталната комуникација.

„Затоа ваквите средби се потреба и начин да ја надминеме дистанцата што долго време постои меѓу нашите институции. Пример за ова беа средбите што оваа година, во февруари, се одржаа во Перу. Како први средби од ваков вид, тие за нас како јавно обвинителство овозможија размена на контакт-податоци и информации со обвинителствата од Јужна Америка и создадоа основа за една понепосредна и директна соработка. И веќе имаме конкретен резултат: успешно е одговорена една наша замолница за меѓународна правна помош благодарение на оваа воспоставена соработка. Тоа потврдува дека кога се поврзуваат луѓето — се поврзуваат и институциите, а кога се поврзуваат институциите — резултатите неминовно доаѓаат“, нагласи Коцевски.
Во овој момент, најголемите допирни точки на Република Северна Македонија со земјите од Јужна Америка од кривично-правен аспект се во сферите на трговијата со дрога и, во поново време, трговијата со луѓе. Современите трендови покажуваат дека овие кривични дела имаат комплексни меѓународни димензии, па затоа одговорот на институциите мора да биде координиран и сеопфатен. Притоа, државниот обвинител се заблагодари на Европравда, организација која на македонското обвинителство му обезбедува оперативна, финансиска и друга помош која е неопходна за ефикасно справување со транснационалниот криминал.