Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски денеска се обрати пред пратениците од Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на Република Северна Македонија на расправата во врска со Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2024 година, во кој основните средства за функционирање на обвинителствата се намалуваат за повеќе од еден милион евра од првично предвидените за годинава.
На седницата тој го пренесе ставот и на стручниот колегиум на Јавното обвинителство кој вчера во проширен состав едногласно оцени дека со ваквото кратење се доведува во прашање редовната работа на јавните обвинителства, особено со оглед на тоа што намалување на средства со ребалансот се предлага во речиси сите ставки, вклучувајќи ги и парите предвидени за истражни дејствија, за вештачења и анализи, за одржување на возилата потребни за увид и слично.
„Имајќи предвид дека, претходно предвидените средства во Буџетот за 2024 година беа само половина од она што законски е предвидено да се издвојува за обвинителството и минимално ги покриваа потребите на постапките, секое дополнително кратење во услови на општ раст на сите трошоци ја загрозува работата на јавните обвинителства“, рече Коцевски.
Тој аргументираше дека иако ребалансот на Буџетот се уште не е усвоен, од сметките на Јавното обвинителство веќе се скратени парите за опрема, во која ставка се склучени договори за претходно планирана и реализирана јавна набавка на информатичка опрема (50-тина компјутери, принтери и скенери) и за кои веќе нема доволно средства за да бидат покриени. Во услови на континуиран раст на цените за режиски трошоци, јавните обвинителства треба да добијат помалку пари од првично предвидените за оваа намена. Се кратат над 80.000 евра за тековно одржување на системите, вклучително и хардверскиот и софтверскиот систем, објектите на обвинителствата и слично. Намалување има и во средствата предвидени за обуки на вработените. Воедно, одбиено е барањето на Јавното обвинителство со ребалансот да бидат доделени средства за назначениот јавен обвинител за врски во Европравда да може непречено да ја извршува својата функција во Хаг и да овозможи соработка со оваа клучна европска институција.
„Јавното обвинителство е одговорен орган, кој нема ненаменски трошења на буџетски пари и кој апсолутно го почитува начелото на економичност при сите набавки и трошења. И покрај тоа, обвинителството не ги добива законски предвидените средства неопходни за функционирање и тоа редовно се потенцира во секој годишен извештај за работата што го доставуваме до надлежните институции. Истото е нагласено и во извештајот на Државниот завод за ревизија при ревизијата на усогласеност на Основниот буџет на Република Северна Македонија за 2023 година“, рече државниот јавен обвинител.
За споредба, тој пред пратениците ги презентираше податоците според кои во целиот регион не постои држава која помалку вложува во обвинителството од нашата.
„Секаде во регионот уделот на буџетот за обвинителствата во вкупниот буџет расте, додека кај нас се намалува. За споредба, Црна Гора со население од околу 600.000 жители и државен буџет речиси двојно помал од нашиот, издвојува речиси еднакво пари за обвинителството колку нашата држава. Косово издвојува над 4 милиони евра повеќе во вкупен обем на пари“, истакна Коцевски пред пратениците.
Ова е констатирано и во најновиот извештај за владеењето на правото на Европската комисија, во кој за првпат се вклучени и земјите-кандидати за членство во ЕУ и според кој ограничените финансиски средства доделени на правосудството може да влијаат на неговата финансиска независност, а дефицитот на човечки ресурси може да влијае на квалитетот и ефикасноста на правдата.