Соопштенија

Косовски државјанин осомничен за нудење поткуп на македонска граница

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 55-годишен жител на косовското село Беланица за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Давање поткуп од член 358 став 1 од Кривичниот законик.

На 4 октомври, на граничниот премин Блаце, при влез во земјава, се обидел да му даде поткуп на полициски службеник за тој да не изврши службено дејствие што морал да го изврши.

Осомничениот, управувал со минибус со 11 патници од Косово кон Грција, но полициските службеници на македонскиот граничен премин констатирале дека му е истечен сертификатот за професионална компетенција задолжителен за професионални возачи. За да не биде вратен, осомничениот на полициски службеник му понудил пари кои ги ставил во пасошот.

По предлог на јавниот обвинител, судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.