Соопштенија

Кумановец осомничен за обид за убиство, неговиот син му помагал

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 74-годишен кумановец за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик, како и против неговиот 35-годишен син, осомничен за помагање при извршувањето на наведеното кривично дело.

На 2 септември, на раскрсницата помеѓу улиците „Киро Фетак“ и „Борис Кидрич“ во Куманово, првиот осомничен со умисла се обидел да лиши од живот едно лице, додека вториот осомничен со умисла му помогнал во тоа, отстранувајќи ги пречките за извршување на кривичното дело.

Осомничените го забележале оштетениот кој се движел по улицата „Киро Фетак“ со неговиот автомобил и во моментот кога пристигнал на раскрсницата со улицата „Борис Кидрич“, вториот осомничен за да го спречи да избега, од појасот извадил пиштол од неутврдена марка и калибар, му го попречил патот, застанувајќи пред возилото, го репетирал пиштолот и го вперил во правец кон оштетениот. Тој застанал со возилото, по што до автомобилот се приближил првиот осомничен и од зад грб извадил нож на расклопување. Најпрвин му се обратил на оштетениот со зборовите „кој си ти што не гледаш“, по што започнал вербално да се расправа и се обидел да му зададе убод со ножот во пределот на градниот кош. Меѓутоа оштетениот ја подигнал левата рака со цел да се одбрани, па осомничениот му задал убоди во пределот на левото рамо. Веднаш потоа двајцата осомничени избегале од лице место.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово достави предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени.