Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против лекар од Чегране осомничен дека сторил продолжено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Осомничениот во два наврати месецов, ја злоупотребил својата положба како службено лице специјалист-инфектолог во ЈЗУ Општа болница „Др. Ферид Мурат“ во Гостивар. Притоа, иако во наведената лабораторија воопшто не се вршеле ПЦР тестови, осомничениот на две пациентки им зел брис од нос и уста и за одреден финансиски надомест им издал лажен извештај за негативен ПЦР тест за SARS-CoV-2 вирусот со цел да можат да патуваат во странство. Во двата наврати тој го злоупотребил својот службен факсимил.
На овој начин, од една пациентка на 7 март наплатил 50 евра, додека на другата на 9 март и наплатил 1.500 денари, односно вкупно за себе прибавил противправна имотна корист од околу 4.500 денари.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар достави предлог за определување мерка притвор, со оглед на тоа што постои опасност осомничениот да се даде во бегство или да го повтори делото.