Соопштенија

Лице од кичевско осомничено дека при криволов извршило тешки дела против општата сигурност

Основното јавно обвинителство Гостивар донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од кичевско за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од член 292 став 1 во врска со член 288 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 27.02.2019 година, вршејќи криволов во шума во кичевско, убеден дека забележал животно, испукал еден куршум од пушка. Притоа погодил едно оштетено лице, нанесувајќи му огнострелна повреда од животозагрозувачки карактер во пределот на абдоменот. Повредениот е хоспитализиран и се уште се наоѓа во тешка здравствена состојба.

Со цел утврдување на фактите за настанот, надлежниот јавен обвинител издаде наредби за вештачење на трагите од крв и чаурата пронајдена на лице место, наредба за претрес на домот на оштетениот, како и наредба за вештачење на одземеното оружје. Ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гостивар доставен е предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.