По спроведена претходна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен предлог против две лица, на возраст од 45 и 19 години, кои се товарат за кривично дело – Фалсификување исправа од член 378 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Обвинението е поднесено против мајка и ќерка, државјанки на Република Турција, кои на 22 јануари, на граничниот премин Долно Блаце, при влез на државната граница од Косово, употребиле лажни јавни исправи, прикажувајќи ги како вистински. Притоа, мајката е обвинета дека употребила лажни израелски пасоши и лични карти за себе и за двата малолетни сина кои патувале со нив, додека полнолетната ќерка е обвинета дека исто така за себе прикажала лажен израелски пасош и лична карта. Употребените лажни документи се разликуваат од оригиналните израелски документи по квалитетот на хартијата, застапените техники на печатење на образецот, заштитните знаци, сјајот и интензитетот на застапените бои.