Соопштенија

Мароканец осомничен за напад врз полициски службеник

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија донесе Наредба за спроведување истражна постапка против државјанин на Мароко, кој е осомничен дека сторил кривично дело – Напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста од член 383 став 3 од Кривичниот законик.

На 28 октомври, осомничениот нападнал полициски службеник кој постапувал по наредба за вршење на патролна служба. Полицаецот, заедно со двајца словачки полициски службеници од Фронтекс, добиле известување дека на бензинска пумпа на автопатот А1 во правец Гевгелија-Скопје, непознато лице – мигрант се качил на товарно моторно возило со унгарски регистарски ознаки.

Тие отишле на бензинската пумпа каде шоферот на камионот им потврдил дека на неговото возило се качил мигрант, кој одбива да се симне. Полицајците му дале наредба да се симне од возилото, но осомничениот, движејќи се по покривот, се префрлил на предниот дел на возилото од каде скокнал и почнал да бега.

Македонскиот полициски службеник тргнал по него и го фатил, но осомничениот  почнал да пружа активен отпор, му ја фатил десната рака на полицаецот и започнал да му ги витка прстите.  На тој начин му задал повреда – фрактура на прст со дислокација на фрагментите. Во тој момент на помош дошле колегите и заедно го совладале осомничениот.

Бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе се даде во бегство, дека ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и дека ќе го повтори кривичното дело, надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор.