Соопштенија

Наредба за истрага за четири лица по синоќешната акција „Сикрет“

Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава, денеска донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против четири лица. Лицата се сомничат дека сториле кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, предвидено и казниво по член 215 став 3 од Кривичниот законик.

По повеќемесечна предистражна постапка, под раководство на надлежен јавен обвинител од Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Министерството за внатрешни работи спроведе акција со кодно име „Сикрет“. Во текот на вчерашниот ден до денес, до раните утрински часови беа извршени претреси на дом и лица на 11 локациии низ Градот Скопје и околината. Во акцијата лишени се од слобода три лица, додека едно лице во моментот е недостапно на органите на прогонот. Еден од осомничените во обид да ја напушти државата е лишен од слобода на Меѓународниот аеродром – Скопје. При извршените претреси пронајдени и одземени се повеќе пакувања на наркотична дрога што била подготвена за дистрибуција и продажба, пет луксузни патнички моторни возила, поголемо количество на парични средства што потекнуваат од извршувањето на кривичното дело, како и ваги за мерење на дрогата, огнено оружје и телефони. Предметите од претресите по наредба на обвинител се предадени на вештачење.

Имено, двајца од осомничените, кои се браќа, од почетокот на месец февруари годинава во повеќе наврати од непознати лица, набавувале неодредени количини на наркотична дрога кокаин, ја препакувале во нивниот дом и неовластено ја продавале. Тие, со цел продажба на дрогата и стекнување на противправна имотна корист, организирале мрежа на препродавачи меѓу кои биле останатите осомничени задолжени за доставување дрогата до купувачите на различни локации во градот Скопје. Неовластената продажба се остварувала преку телефонски контакти со лица уживатели на дрогата. Во зависност од големината на пакувањата дрогата што ја нуделе била по цена од 2500 до 6000 денари.

Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, во текот на денешниот ден поднесе Предлог за определување на мерката – притвор за осомничените.