Соопштенија

ОЈО Скопје поднесе обвинение за изнуда

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска поднесе обвинение против вкупно шест лица, од кои:

–          еден е обвинет за кривичните дела –  Изнуда од член 258 став 2 во врска со став 1 и Несовесно работење во службата согласно член 353-в став 4 во врска со ставовите 3 и 1 од Кривичниот законик

–          еден е обвинет за кривично дело – Изнуда од член 258 став 2 во врска со став 1, а поднесен му е и Обвинителен предлог за – Загрозување на сигурноста според член 144 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик

–          две лица се обвинети само за кривично дело – Изнуда од член 258 став 2 во врска со став 1

–          една е обвинета за помагање при извршување на кривичното дело – Изнуда, односно според член 258 став 2 во врска со став 1 во врска со член 24 од Кривичниот законик

–          едно лице (нотар) е обвинето за кривично дело – Несовесно работење во службата согласно член 353-в став 4 во врска со ставовите 3 и 1 од Кривичниот законик

Обвинетата за помагање делото го сторила така што на 06 септември 2020 година го остварила првиот телефонски контакт со оштетениот, му се претставила како девојка на првообвинетиот и побарала од него средба и финансиска помош. Таа го намамила да се сретнат следниот ден на улицата „Качанички пат“. Кога дошол на средбата, обвинетите на повеќе локации на Качанички пат, автопатот Скопје-Тетово, патарината Глумово, но и во нотарската канцеларија на обвинетиот нотар во Тетово, со употреба на сила и сериозна закана го принудувале оштетениот да стори нешто на штета на својот имот. Имено, тие на особено насилен начин, нанесувајќи му телесни повреди, го принудувале да им го препише сопствениот автомобил Масерати, без притоа да му биде платено.

Обвинетата нотарка се товари дека очигледно несовесно постапувала во вршење на своите овластувања и должности, па поттикната од првообвинетиот ја отворила нотарската канцеларија надвор од работното време, го составила договорот за купопродажба на возилото, наведувајќи притоа повеќекратно помала и нереална цена од 2.950 евра, за да ја избегне забраната за готовинско плаќање и обврската да пријави сомнителна трансакција. Иако не било извршено никакво плаќање на наведената цена, во членот 3 од Договорот навела дека сумата од 2.950 евра била исплатена пред нотарот, на денот на заверка на потписите, со што овозможила незаконит преност на сопственоста над автомобилот во корист на првообвинетиот.

Дополнително, второобвинетиот во овој предмет, на 8 септември 2020 година, при обидот да биде лишен од слобода, ја загрозил сигурноста на полицискиот службеник во реонот на езерото Треска, кој постапувал по наредба. Тој му се заканил на полицаецот дека ќе нападне по неговиот живот, односно дека ќе го убие и после 10 години кога ќе излезе од затвор.

За четворица од обвинетите, за кого Основниот кривичен суд Скопје претходно со решение имаше определено мерка куќен притвор, надлежниот јавен обвинител побара продолжување на оваа мерка, со цел непречено водење на кривичната постапка.