Соопштенија

Обвинение за двајцата кои опожарија семејна куќа со ресторан во скопско Дебар маало

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против две лица за кривично дело – Тешки дела против општата сигурност од чл. 292 ст.1 во врска со чл.288 ст.1 и во врска со чл.22 од Кривичниот законик.

По сеопфатна истражна постапка, надлежниот јавен обвинител утврди дека обвинетите како соизвршители на 26.11.2018 година со пожар предизвикале значителна опасност по животот на еден оштетен и неговото најблиско семејство, како и поголема имотна штета на објектот – индивидуална станбена куќа и ресторан во сопственост на оштетениот.

Обвинетите набавиле едно шише запаллива течност. Потоа едниот обвинет чувал стража, додека другиот со течноста го полеал внатрешниот дел од оградата на терасата на ресторанот и го запалил. Пожарот за многу кратко време се проширил од ресторанот до вториот кат на објектот, каде што престојувало семејството на сопственикот.

Обвинителството ценеше дека се уште постојат околности кои го оправдуваат изрекувањето на мерката куќен притвор, па од тие причини заедно со Обвинителниот акт до Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и предлог за продолжување на мерката – куќен притвор за едниот од обвинетите, додека за вториот на сила се мерки за претпазливост.