Соопштенија

Обвинение за единаесет членови на група за криумчарење мигранти

По спроведена истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд – Скопје, достави Обвинителен акт против 11 лица. На лицата им се става на товар дека во периодот од декември 2019 година до октомври 2020 година во повеќе наврати како организатори или членови на група сториле кривично дело Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно дете и криумчарење на мигранти по чл. 418 – в и кривично дело – Криумчарење на мигранти по чл. 418-б ст.2 од Кривичниот законик.

Во наведениот период, со умисла и од користољубие обвинетите М.С.(49) и неговиот син С.С.(23), заедно со обвинетиот А.М.(47) и А.А. кој е недостапен на органите на прогонот, организирале група за вршење кривично дело – Криумчарење мигранти. Припадници на групата станале обвинетите Б.Ј.(23), М.М.(21), Д.С.(29), Т.М.(36), Ф.А.(26) и Д.Љ.(50) кои ги прифаќале и превезувале мигрантите, како и Т.К-Ц (53) и Ј.К.(23) кои остварувале чести контакти со обвинетите М.С. и С.С. во врска со извршување на кривичното дело криумчарење мигранти. Воедно, авто-сервисот во кој бил вработен обвинетиот Ј.К. бил користен за сервисирање на моторните возила со кои организираната група ги криумчарела мигрантите.

Групата за меѓусебна комуникација користела телефонски апликации на мобилни телефонски броеви од македонски и грчки мобилни оператори преку кои го договарале пренесувањето на лицата – илегални мигранти од територија на Р.Грција на територија на Р.С.Македонија. Дејствијата ги извршувале преку илегалните премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија и Дојран, каде мигрантите од претходно утврдени и договорени локации со патнички моторни возила ги превезувале до претходно извидени и договорени локации во кумановско-липковскиот регион. Таму, илегалните мигранти во организација на обвинетиот А.М. биле прифаќани, засолнувани и времено сместувани во објекти на неидентификувани лица, соработници и помагачи на организираната група, а потоа криумчарени преку територијата на Р.Србија кон државите на ЕУ.

Заради начинот и мотивот на извршување на кривичното дело особено околноста што ова кривично дело има меѓународен елемент во извршувањето и поврзаност на извршители од повеќе земји, обвинителството во рамките на Обвинителниот акт до Основниот кривичен суд Скопје достави и посебен предлог со кој се предлага продолжување на мерката притвор за обвинетите М.С., С.С., М.М., Д.С., Д.Љ. и А.М. и мерката куќен притвор за Т.К-Ц., Ј.К., Т.М. и Ф.А. За обвинетиот Б.Ј. мерката притвор за кривично дело – криумчарење мигранти е претходно определена.