Соопштенија

Обвинение за тешката сообраќајна несреќа кај Ростуше

Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителен предлог против едно лице, српски државјанин, заради кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, на 13 април, како учесник во сообраќајот на јавните патишта, управувајќи товарно возило – влекач МАН со полуприколка, не се придржувал кон прописите со што го загрозил јавниот сообраќај и предизвикал опасност за животот на луѓето.

Движејќи се на регионалниот пат Р1-202 Маврови Анови-Дебар, по десната страна од коловозот, не ја приспособил брзината на движење на возилото кон својствата и состојбите на патот, имајќи ги предвид атмосферските услови, видливоста, прегледноста, густината на собраќајот и состојбата на возилото. Со влекачот пристигнал на 410 метри пред Ростушки мост со брзина од 60 километри на час, што е поголема од ограничената брзина на таа делница. На влажниот коловоз изгубил контрола врз полуприколката, која се излизгала и преминала на левата сообраќајна лента, косо аголно удирајќи во патничко моторно возило Хјундаи кое доаѓало од спротивна насока. Од ударот автомобилот излетал надвор од коловозот. Од повредите здобиени во сообраќајната несреќа на лице место почина Атанас Ѓорѓиевски, возач на автомобилот Хјундаи, додека неговиот сопатник Гоце Тековски еден ден подоцна им подлегна на повредите во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Уште двајца сопатници во патничкиот автомобил се здобиле со тешки телесни повреди заради кои се пренесени на скопските клиники.

Надлежниот јавен обвинител до Основниот суд во Гостивар достави и предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за 52-годишниот српски државјанин, особено заради опасност од бегство и како нужна мерка за негово обезбедување во текот на кривичната постапка.​