Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе Обвинителни предлози против две лица, од кои едното извршило, а другото се обидело да изврши кривично дело – Тешка кражба предвидено во член 236 став 1 точка 1 од Кривичниот законик.
Во првиот предмет, 49-годишен жител на селото Врапчиште е обвинет дека на 29.09.2021 година влегол во незаграден двор на една куќа во селото, го скршил катанецот од вратата на шталата и одзел агрегат и секира, со што на сопствениците им причинил материјална штета од 19.000 денари.
За вториот настан пак, 65-годишен тетовец е обвинет, бидејќи на 16.11.2021 година се обидел да украде пари и други предмети од возило со скопски регистарски ознаки паркирано во близина на Градскиот пазар во Гостивар. Бил забележан од оштетениот и не ја реализирал намерата.