Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Ресен во текот на вчерашниот ден, постапувајќи по поднесените кривични пријави против две лица од страна на Министерството за внатрешни работи, достави Предлози за издавање на казнен налог за двете лица. Обвинетите се товарат дека сториле кривично дело „Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“ по член 206 став 1 од Кривичниот законик.
Обвинетата која на 17.03.2020 година се вратила од Р.Словенија – земја со среден ризик на зараза утврдена на листата на Светската здравствена организација, на граничниот премин Табановце примила писмена наредба и потпишала изјава со која се обврзува дека во наредните 14 дена ќе спроведе самоизолација во својот дом во Ресен. Наместо да постапи според прописите и да се упати кон својот дом, таа заминала во Кичево во домот на својата другарка, откако телефонски била контактирана од страна на полициски службеници од ОВР Ресен пристигнала во својот дом. Со своите дејствија го сторила кривичното дело за кое се товари. Обвинителството му предложи на судот на обвинетата да и биде изречена парична казна во висина од 100 дневни глоби при што вредноста на дневната глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска против вредност.
На 18.03.2020 година, обвинетиот со умисла не постапил според писмената наредба на министерот за здравство со која се определуваат мерки за спречување или сузбивање на опасна заразна болест – коронавирус COVID 19. Тој на 16.03.2020 година пристигнал од Кралството Холандија – земја со висок ризик на зараза утврдена на листата на Светската здравствена организација и на граничниот премин Табановце примил писмена наредба и потпишал изјава со која се обврзува дека во наредните 14 дена ќе спроведе самоизолација во својот дом во с. Стење, ресенско. На 18.03.2020 година при извршени две проверки од страна на полициски службеници обвинетиот не бил пронајден во неговиот дом со што го сторил делото што му се става на товар. Обвинителството до надлежниот суд во Ресен поднесе предлог на обвинетиот да му биде изречена парична казна во висина од 100 дневни глоби при што вредноста на дневната глоба да се определи во висина од по 30 евра во денарска против вредност.