Соопштенија

Обвинителен акт за шестмина организатори и припадници на група за криумчарење мигранти

По спроведена истражна постапка, надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд –Скопје поднесе Обвинителен акт против шест лица. Со дејствијата опишани во Обвинителниот акт обвинетите се товарат дека како организатори и членови на група сториле кривично дело – Организирање на група и поттикнување на извршување на делата трговија со луѓе, трговија со малолетно дете и криумчарење мигранти по чл. 418 – в и кривично дело – Криумчарење мигранти по чл. 418-б ст.2 од Кривичниот законик.

Во период од декември 2019 година до октомври 2020 година со умисла и од користољубие браќата Р.В. (27) и Д.В. (26) организирале група за вршење кривични дела – криумчарење мигранти, а припадници на организираната група станале А.А (28), В.Д. (22) и И.М. (27). Организаторите го договарале пренесувањето на илегалните мигранти, при што кон НН лица од Р.Грција и кумановско-липковскиот регион испраќале СМС пораки со внесени GPS координати на локации од околината на Дојран, Струмица и Гевгелија од каде обвинетите А.А., В.Д. и И.М. ги прифаќале илегалните мигранти од територијата на Р.Грција и ги превезувале до договорените локации во кумановско-липковскиот регион. Таму мигрантите во организација на НН лице кое престојувало во кумановско – липковскиот регион биле времено сместувани и засолнувани во објекти на НН лица, соработници и помагачи на организираната криминална група, а потоа биле пренесувани преку територијата на Р.Србија кон државите на ЕУ.

Припадник на организираната група била и обвинетата Д.К.(21) која во тој период била во врска со еден од организаторите и телефонски контактирала со лица организатори и членови на организираната криминална група, договарала и обезбедувала парични средства за успешно криумчарење на групи на илегални мигранти. Воедно, својата телефонска линија и интернет комуникација ја давала на располагање и на Р.В. за остварување на контакти со организатори и членови на организираната криминална група при договарање, планирање, подготвување и реализирање на криминалните активности поврзани со криумчарење на мигранти.

Во наведениот период оваа криминална група во повеќе наврати прифаќала и превезувала илегални мигранти со различни патнички и товарни моторни возила адаптирани за превоз на повеќе лица и со лажни регистарски таблички. Во неколку наврати како резултат на полициските патроли, членовите на групата задолжени за превезување на мигрантите исплашени да не бидат откриени бегале и ги оставале возилата со мигрантите. На тој начин во три одделни случаи во напуштените возила се пронајдени 94 илегални мигранти.

Групата работела и надвор од границите на нашата држава, па така во јануари минатата година од страна на обвинетиот Р.В. на територијата на Р.Грција било организирано прифаќање и безуспешно превезување на 13 лица илегални мигранти, кога од страна на грчката гранична полиција биле приведени двајца македонски и еден српски државјанин. Во кривично правниот настан во улога на т.н.„чистач“ учествувал обвинетиот Р.В. кој успеал да избега, но, пасошот му останал во запленетото возило, за што ја известил обвинетата Д.К. Таа и неговото семејство направиле план како безбедно да го вратат во РСМакедонија. Така, мајката на обвинетите Р.В. и Д.В. заминала за Р.Грција со патната исправа на обвинетиот Д.В. со намера обвинетиот Р.В. со неа да оствари излез од Р.Грција. Поради опасноста да биде откриен и фатен доколку ја даде на увид патната исправа на неговиот брат на граничните премини, обвинетиот Р.В. договорил да дојде неговиот татко и заедно илегално да ја поминат државната граница. Обвинетата Д.К. со своето ПМВ марка Волксваген Голф го превезла таткото до одредена локација на територијата на Р.Грција во близина на ГП-Евзони, каде се сретнал со Р.В. и илегално се вратиле на територијата на Р.С.Македонија. Двајцата биле прифатени од страна на обвинетиот Д.В. и уште едно лице и заедно со ПМВ Ауди 6 се упатиле кон нивниот дом. Возилото било забележано како сомнително во близина на македонско-грчката граница и биле запрени од страна на полицијата на која одбиле да се легитимираат и го стартувале возилото со голема брзина, по што биле следени до нивниот дом во с.Стојаково.

Нелегално стекнатите парични средства од извршување на кривичните дела извршени на територијата на Р.Грција и Р.С.Македонија, обвинетите ги вложувале во отворање на легални бизниси со купување на товарни и приклучни моторни возила за вршење на транспорт, како и недвижности на подрачјето на с.Стојаково.

Обвинителството заедно со Обвинителниот акт достави и предлог мерката притвор определена од судија на претходна постапка против обвинетите Р.В, Д.В и И.М и мерката куќен притвор определен од Кривичниот совет против обвинетата Д.К да се продолжат, а на обвинетиот В.Д. определената мерка притвор да му се замени со мерка куќен притвор. Притоа беа земени предвид околностите дека доколку им биде овозможено на обвинетите да се бранат од слобода, може да се кријат или да побегнат со цел да ја избегнат кривичната одговорност, дотолку повеќе што начинот и мотивот на извршување на кривичното дело укажуваат на постоење на меѓународен елемент во извршувањето и поврзаност на извршители од повеќе земји, па напуштањето на земјата за обвинетите нема да претставува проблем. Воедно, бидејќи се работи за добро организирана криминална група, со поделени улоги меѓу обвинетите, со цел овозможување на значителна материјална корист, обвинетите можат да се кријат на територијата на Р.С.Македонија, како и реално може да се очекува дека ќе го повторат кривичното дело.