Соопштенија

Обвинителен предлог за несреќата во „Балкан гасови ДОО“ од Богданци

По комплетирањето на доказите за несреќата што се случи во февруари минатата година во Друштвото за производство, услуги и трговија „Балкан гасови ДОО“ во Богданци, Основното јавно обвинителство – Гевгелија денеска до Основниот суд во Гевгелија поднесе Обвинителен предлог против три физички лица и едно правно лице. Лицата се товарат дека сториле кривични дела – Тешки дела против општата сигурност од чл.292 ст.4 в.в. чл. 288 ст.1 од кои правното лице в.в. ст. 5 од истиот член и Повреда на правото од работен однос од чл.166 ст.1 и в.в. ст.2 од истиот член за правното лице од Кривичниот законик.

Имено, обвинетите Р.Д., Б.Д. и И.Д. како одговорни лица во четврто обвинетото правно лице во утринските часови на 5 февруари минатата година со пожар и експлозија предизвикале значителна опасност за животот и телото на луѓето при што три лица ги загубија своите животи, а едно лице се здоби со тешки телесни повреди. Починатите лица и оштетениот биле вработени во правното лице на работно место – ракувачи на постројки за полнење на технички гас.

Работодавачите согласно чл.31 од Законот за безбедност и здравје при работа се должни при самото вработување на сите вработени да им обезбедат соодветна обука за безбедност и здравје при работа со теоретско и практично оспособување, особено во случајов имајќи ја предвид специфичната дејност на правното лице. Обвинетите иако знаеле дека оштетените немаат поминато обука за безбедност при работа и работа со гасови и дека може да настапи штетна последица, дозволиле истите да извршуваат работни задачи – поправка на машините и машинска изработка и полнење со течен нафтен гас (ТНГ) на мали плински боци само врз основа на обучувањето што го спровел првообвинетиот. Во исто време, во име и за сметка на обвинетото правно лице, обвинетите не придржувајќи се кон одредбите на Законот за работни односи од чл.5 ст.1 т.1 и чл.13. ст.1 т.7 што се однесуваат на засновање на работен однос со еден од починатите наместо Договор за вработување склучиле Договор за дело со што му ги одзеле правата што му припаѓаат како работник.

Критичниот ден сега починатите заменувале скршена челична пружина на машината за полнење на боците, при што дел од капаците на садовите во кои бил сместен ТНГ биле отворени и придонеле за зголемено испарување на гасот во просторијата. Не познавајќи ги карактеристиките на гасот и неговото акумулирање како потежок од воздухот во долниот дел од просторијата, тие продолжиле со својата работа. Во еден момент дошло до кинење на спојот на армираното црево што се наоѓало во долниот дел од машината и испуштање на воздух од истото под притисок. Како резултат на тоа дошло до создавање на експлозивна смеса пропан – бутан гас. Неконтролираното движење на цревото и удирањето по околните метални површини предизвикало искрење при што настанал пожар и експлозија во просторијата од која како последица на здобиените изгореници починале три лица. Набргу пожарот се проширил и во другите делови на фабриката, односно во магацинскиот простор во кој имало околу 75 000 полни боци подготвени за продажба, при што едно лице се здобило со изгореници од 3 и 4 степен.