Соопштенија

Одбележани 25 години од основањето на Здружението на јавните обвинители

Наша обврска, на која континуирано работиме сите овие години, е да ги зајакнеме самостојноста на јавните обвинители во постапувањето, професионалните и етичките стандарди во нашата фела, а со тоа да ја вратиме довербата на граѓаните во нашата работа, истакна претседателот на Здружението, јавниот обвинител Елвин Вели на одбележувањето на 25-годишнината од формирањето на оваа организација.

Тој потсети на проектите и активностите со кои Здружението континуирано се залага за унапредување на состојбите во јавното обвинителство и ја застапува улогата на јавните обвинители во јакнењето на принципите на правната држава и владеењето на правото.

„ Здружението денес е отворено за сите јавни обвинители, но и за стручните јавнообвинителски службеници кои преку својот личен професионален ангажман и идеи сакаат да се вложат во подобрување на состојбите во јавнообвинителската организација. Нашата поддршка за јакнење на независноста, но и на одговорноста во постапувањето на јавните обвинители останува силна и недвосмислена. Како  Здружение инициравме измени со кои Етичкиот кодекс на јавните обвинители се усогласи со забелешките од скринингот на ЕУ и со препораките на ГРЕКО. Организираме обуки и работилници, работиме на научни трудови и законски решенија, со кои се залагаме за јакнење на стандардите, но и на условите во кои работиме“, рече Вели.

Цели 25 години, Здружението на јавните обвинители го одразува нашето професионално единство и нашата визија за улогата на јавниот обвинител во правниот систем, потенцираше Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Љупчо Коцевски, кој и самиот извесен период во својата кариера бил дел од Извршниот одбор на Здружението.

„Во единството е силата“, порача тој и ги повика јавните обвинители да бидат уште поединствени и посплотени, активни, гласни и мотивирани, да предлагаат и да учествуваат во реализација на проектите и во следните 25 години, па и потоа.

„Од многу причини, кои не би сакал во оваа свечена прилика повторно да ги истакнувам, јавнообвинителската организација е се помалубројна, а очекувањата од нас се огромни. Ние мора да останеме доследни на задачата што ни е доверена. Затоа важен е придонесот на секој поединец и секоја една визија што ја вградуваме во обвинителството“, рече Коцевски.

Во четвртина век постоење, за Здружението на јавните обвинители, како и за самите јавни обвинители, исклучително важна беше поддршката од многу домашни и меѓународни организации, партнери и поединци, без која оваа организација немаше да може да ги реализира проектите и идеите за кои се залага и со кои ја дели визијата за јакнење на системот на владеење на правото и за подобрување на позицијата на јавните обвинители и на јавното обвинителство како институција.

За нивниот особен придонес за долгогодишна успешна соработка и поддршка, претседателот на Здружението на јавните обвинители Вели додели плакети на: Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Канцеларијата за развој, помош и обука на обвинителствата во странски држави – ОПДАТ при американското Министерство за правда, Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија, Проектот  „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, ДЦАФ – Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, Проектот на УНДП „Поддршка на ЕУ за градење доверба на Западен Балкан“, Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Адвокатската комора на Република Северна Македонија, Центарот за правни истражувања и анализи, Институтот за судска медицина и криминалистика, како и на Асоцијацијата за корпоративна безбедност.

Здружението на јавните обвинители е формирано на 30 јуни во манастирот Лешок, во Тетово, а за прв претседател беше избран вишиот јавен обвинител д-р Тодор Витларов.