„Јавните обвинители во Основите јавни обвинителства се столбовите на обвинителската организација и тие треба да се првите заштитници на правната држава и на почитувањето на човековите права“ – со овие зборови се обрати Љубомир Јовески, Јавниот обвинител на Република Македонија на првата работна средба со јавните обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје.
Говорејќи за поставеноста на јавнообвинителската професија, Јавниот обвинител на Република Македонија ја истакна целта кон која ќе се стреми во натамошното работење, на институцијата и професијата – јавен обвинител да се врати угледот и авторитетот, почитта и законитоста во постапувањето.
Особен акцент Јовески даде на самостојноста во постапувањето на јавните обвинители, истакнувајќи дека негова заложба која во своето работење им ја гарантира на јавните обвинители е дека нема да бидат изложени на притисоци. Нивна основна задача е да се почитуваат и спроведуваат законите, да се разменуваат правни мислења, да се решаваат предметите во време и на начин кој ќе ја гарантира законитоста.
Јавното обвинителство на Република Македонија е единствен самостоен државен орган кој е гарант на заштитата на правата на граѓаните на Република Македонија и на владеењето на правото. Токму затоа, истакна Јавниот обвинител на Република Македонија, сите имаме одговорност за своето работење, која во иднина ќе биде квантитативно и квалитативно вреднувана.
На средбата со јавните обвинители од Основното јавно обвинителство Скопје, Јовески побара во следниот краток период да ги преземат сите потребни дејствија по предметите по кои постапуваат, да се донесат правични и законски одлуки, засновани врз утврдени докази.
На првата работна средба, преку своето обраќање Јавниот обвинител на Република Македонија ги увери присутните дека наталожените проблеми и прашања кои бараат решенија во институцијата ќе се решаваат и дека угледот на јавното обвинителство ќе соодветствува на законските надлежности и професионалниот повик.