Соопштенија

Основното јавно обвинителство Гевгелија истражува тешка кражба во винарска визба

Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против шест лица, од кои за двајца за сторено кривично дело Тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 22 од КЗ, а за четворица за кривично дело Прикривање од член 261 од Кривичниот законик.

Во текот на постапката утврдено е дека четири лица, меѓу кои двајца од осомничените заедно со две засега непознати лица, по претходен договор,  ноќта на 22.09.2018 година во Гевгелија во времето од 01.30 часот до 03.30 часот одзеле туѓи подвижни предмети.  Тие сите влегле во кругот на винарската визба Друштво за производство на вино „РИГО Импекс“ ДОО Скопје. Додека двајцата осомничени чекале надвор, непознатите две лица се поткачиле на надворешната единица од клима уредот на висина од 2,5 метри, насилно го отвориле ПВЦ прозорецот од една од канцелариите на винаријата кој е на висина од 4 метри, влегле внатре, па преку отворена врата влегле во канцеларијата на благајникот по што со оксигенски заварувач се обиделе да ја отворат металната дводелна каса во делот на двете метални жапки од горната врата. Откако  не успеале да ја отворат, ја извлекле металната каса од нејзиното лежиште и со оксигенскиот апарат од десната страна на металната каса отвориле отвор со дијаметар од 20 см и одзеле 640.000,оо денари.

Осомничените потоа преку повеќе лица почнале поради оштетеност – нагорување на банкнотите од оксигенскиот заварувач да вршат нивна размена во НБРМ и во менувачница каде работелo едно од лицата. Со тоа,  другите осомничени протуриле предмети за кои знаеле  или можеле да знаат дека се прибавени со кривично дело -заменувајќи ги банкнотите со неоштетени банкноти, со што го сториле кривичното дело Прикривање.

Постапувајќи по поднесената кривична пријава надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија до Судија за претходна постапка во Основен суд Гевгелија поднесе Предлог за определување притвор  за двајца од осомничените за кои е поведена постапка за сторено кривично дело Тешка кражба и за едно од лицата кои се гонат за кривично дело Прикривање. За другите осомничени кои исто така се гонат за Прикривање, надлежниот обвинител побара определување на мерки на претпазливост.

Од страна на Судијата за претходна постапка при Основниот суд Гевгелија се донесени Решенија со кои на осомничените им се определени побараните мерки за обезбедување.