Во текот на вчерашниот ден на патот од одморалиштето Бунец кон Маврово британски велосипедист бил пресретнат и нападнат од три непознати лица.
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Гостивар зеде изјава од оштетениот и издаде низа наредби во насока на расветлување на настанот.
Според исказот на оштетениот, лицата го врзале и го внеле во возилото и во исто време му ги одзеле платежните картички што ги поседувал. Искористувајќи момент кога бил сам со еден од напаѓачите, британскиот државјанин се ослободил и на напаѓачот му задал неколку удари со нож што го имал во себе. Откако избегал во блиската шума, преку социјалните мрежи ги алармирал родителите и пријателите. Тие се обратиле до британската полиција која преку Британската амбасада во Скопје ја известила ПС Гостивар, по што веднаш била иницирана потрага по велосипедистот. Оштетениот е пронајден во близина на каменоломот Пелагонија денеска во раните утрински часови.
Основното јавно обвинителство – Гостивар координира интензивна потрага по напаѓачите.