Соопштенија

Основното јавно обвинителство Гостивар побара притвор за инспектор во УЈП осомничен за примање поткуп

Основното јавно обвинителство Гостивар поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривични дела – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 и Примање поткуп од член 357 од Кривичниот законик.

Осомничениот инспектор во Управата за јавни приходи – Тетово побарал поткуп од 300 евра од сопственик на правен субјект во кој извршил контрола и констатирал неправилности. Имено, иако оштетениот платил глоба за констатираните неправилности, осомничениот продолжил да му се јавува и да му праќа пораки во кои барал поткуп затоа што не извршил пломбирање на деловниот простор.

Оштетениот го пријавил настанот во полиција и на 4 февруари се согласил да се сретне со осомничениот во угостителски објект во Гостивар. Притоа, му предал 150 евра во претходно обележани банкноти.

Бидејќи постојат околности кои што укажуваат на опасност од бегство, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Гостивар достави Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.