Соопштенија

Основното јавно обвинителство – Прилеп ја истражува измамата со туристичките аранжмани и авио билети

По поднесената кривична пријава, Основното јавно обвинителство – Прилеп донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно физичко и едно правно лице од Прилеп.

Првоосомниченото лице, како управител и во име на второосомниченото правно лице, од крајот на 2015 година до крајот на месец август 2016 година, со намера за себе и за правното лице да прибави противправна имотна корист, довело и одржувало во заблуда осум лица од Прилеп, четири лица од Скопје, две лица од Струга, по едно лице од Тетово, Битола и Охрид и четири лица од Австралија, како и едно правно лице од Скопје. Осомниченото лице и покрај тоа што знаело дека не е овластено да продава промотивни авионски билети – по цени пониски од реалните, како и дека не поседува потребни дозволи за организирање на авионски превоз – ИАТА сертификат, во контактите со оштетените лажно прикажувало дека второосомниченото правно лице е регистрирано и го поседува потребниот сертификат за туристички аранжмани и е овластено да продава промотивни авионски билети. Со ваквите дејствија, првоосомниченото лице ги навело оштетените да направат штетно располагање на својот имот по цени што тоа ги определило и на сметка на правното лице да уплатат соодветен паричен износ за туристички аранжман и авионски билети.

Оштетените, дел од паричните средства ги уплаќале на сметката на правното лице, а дел во готово на првоосомниченото лице. По приемот на паричните средства, на име на оштетените за уплатените туристички аранжмани од страна на првоосомниченото лице не биле обезбедени сместувачки капацитети во хотелите, ниту авионски билети за уплатените дестинации. На тој начин, уплатените парични средства осомничените противправно ги присвоиле за себе, а на оштетените им причиниле штета што надминува значителна вредност, во вкупен износ од 3.254.675,00 денари.
Против првоосомниченото лице, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство – Прилеп, ценејќи дека се исполнети условите, ​до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп, поднесе Предлог за определување на мерка – Притвор.