Надлежен јавен обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице на возраст од 44 години, поради постоење основано сомневање дека сторил продолжено кривично дело Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
Осомничениот на ден 09.11.2018 година во неговиот дом во Прилеп, неовластено заради продажба чувал 491 гр. наркотична дрога „марихуана“, спакувана во десет ПВЦ опаковки, и 14 мл. смолеста материја – наркотична дрога хашиш. Лицето кое се гони од страна на обвинителството чувало и опрема за подготовка на наркотична дрога „хашиш“ и семенски материјал во вкупна маса од 1,78 гр. од растениото Canabis Sativa за кои знаело дека се наменети за производство на наркотични дроги.
Предметите беа пронајдени од страна на службени лица на Полициска станица Прилеп при извршен претрес во домот на осомничениот, врз основа на наредба издадена од Основниот суд Прилеп.
Надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи, па достави предлог за определување мерка притвор, согласно член 165 став 1 точка 1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка. Предлогот беше прифатен од судијата на претходна постапка при Основниот суд Прилеп, кој со решение на обвинетиот му определи мерка притвор во траење до 30 дена.