Соопштенија

Основното јавно обвинителство Скопје започна истрага за недозволено пуштање во промет на марихуана

Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Во домот каде што живее осомничениот, на 15.04.2019 година, била пронајдена опојна дрога марихуана со нето маса од 296,79 грама, која ја држел неовластено заради продажба. Освен ова, биле откриени и дигитална вага со остатоци од непозната материја, пакувања со семки од непознато растение и една кесичка со непозната растителна материја. Во текот на истражната постапка ќе се изврши вештачење за да се утврди непознатата растителна материја.

Ценејќи дека се исполнети законските основи и дека постои опасност осомничениот да се даде во бегство или да го повтори делото, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 Скопје достави и Предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице.