Основното јавно обвинителство – Скопје ги презема потребните дејствија за утврдување на фактите, околностите и доказите во врска со демолирањето на кафе барот „Дамар“. Настанот се случи вечерта на 23 октомври, кога во просториите на кафе барот беше организирана прослава на ЛГБТИ Центарот. Надлежниот јавен обвинител изврши увид на лице место по пристигнатото известување за слученото, по што веднаш е формиран и предмет. Во насока на откривање на сторителите, обвинителството веднаш издаде Наредба за прибавување на снимки, како и за вршење на дополнителни оперативни проверки.
Во моментов Основното јавно обвинителство – Скопје врши процес на препознавање за да се утврди кои лица учествувале во нападот на присутните на прославата и во оштетување на имотот на кафе барот. Имено, во склоп на истражните дејствија, обвинителството ги повикува сведоците заради земање на изјава и се врши препознавање на одредени лица кои се предходно посочени од страна на оштетените.
За предходните настани во кои беа извршени напади на ЛГБТИ заедницата, обвинителството има издадено наредба кон Министерството за внатрешни работи за преземање на определни истражни дејствија со цел откривање на сторителите на кривичните дела.