Соопштенија

Основното јавно обвинителство Скопје ги презема сите мерки за расветлување на сообраќајната несреќа кај трговскиот центар „Зебра“

Во Основното јавно обвинителство – Скопје се преземаат истражни мерки против осомничениот триесет и седум годишен скопјанец, кој вечерта на 7 јули со возило „опел“ удри во пешак. Надлежен јавен обвинител изврши увид на лице место по случената сообраќајна несреќа, во која животот го загуби едно лице. Издадени се наредби за вештачења, подигнати се траги од местото на настанот. Обвинителот нареди и вршење на обдукција над починатото лице.

Според првичните сознанија добиени од анализата на крвта и урината од возачот на автомбилот, констатирано е дека истиот бил под дејство на алкохол. Имено, во крвта се пронајдени 1.52 промили алкохол, додека пак во урината 2.41 промили. Во урината на осомничениот се детектирани и метаболити од психоактивна сустанца што ја содржи растението канабис.

Надлежниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка. Против осомничениот кој во моментов е на болничко лекување, ќе бидат преземени натамошни активности во насока на обезбедување на докази и расветлување на настанот.​

Дополнување:

Во  рамки на истрагата за случената сообраќајна несреќа, на ден 10 . 07. 2015 година, пред надлежниот обвинител беше доведен осомничениот со неговиот бранител. Надлежниот обвинител потоа достави предлог за определување на мерката Притвор за осомничениот бидејќи ценеше дека се исполнети законските основи за нејзино изрекување. Предлогот беше прифатен од Судијата на предходна постапка , па на осомниченото лице судот со решение му изрече мерка притвор во траење од 30 дена.