Основното јавно обвинителство Скопје постапува по кривична пријава поднесена од Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција на ден 25.09.2014 година, против пет лица осомничени за сторено кривично дело – Измама.
Имено, осомничените лица во период од 2012-2013 година со намера за себе да прибават противправна имотна корист, со лажно прикажување на факти во исправките на даночните пријави за одредени правни лица, во кои биле внесени невистинити податоци, прикажувајќи побарувања по основ на поврат на ДДВ, иако таков промет по кој би се остварил поврат на ДДВ во име на овие правни субјекти воопшто немало, ги довел во заблуда одговорните за поврат на ДДВ во Управата за јавни приходи – Скопје. Извршено е враќање на ДДВ на банкарските сметки на предметните правни субјекти во значителен износ, од кои сметки осомничените ги присвоиле паричните средства, оштетувајќи ги за значителна вредност УЈП и Буџетот на Република Македонија. Четворица од осомничените се товарат дека презеле повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто кривично дело, искористувајќи ист траен однос и исти прилики, односно на товар им се става продолжено кривично дело – Измама, при што дел од осомничените имаат улога на поттикнувачи, односно помагачи во извршувањето на кривичните дела.
Надлежниот јавен обвинител донесе Наредба эа спроведување на истражна постапка. Воедно, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 – Скопје поднесе Предлог за определување мерка притвор против осомничените.
Во Основното Јавно Обвинителство Скопје продолжува преэемањето на истражните дејствија по овој предмет.
ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА