Соопштенија

Основното јавно обвинителство Велес поднесе обвинителен предлог за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот

Основното јавно обвинителство Велес поднесе Обвинителен предлог против едно лице кое се товари за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од чл. 300 ст.4 во врска со чл.297 ст.3 во врска со ст.1 од Кривичниот законик, како и за кривично дело – Неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода од чл.301 ст. 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот,  на 05.03.2018 година, како учесник во сообраќајот на регионалниот пат Велес – Градско, управувал патнички автомобил марка Фолксваген Шаран со неприспособена брзина на условите на патот. На тој начин осомничениот не се придржувал кон одредбата од чл.33 ст.1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и со тоа го загрозил јавниот сообраќај така што ги довел во опасност животот и телото на луѓето.

Во услови на дождливо време и влажен коловоз, а при стемнување, тој не ја намалил брзината на движење на возилото, при што нејасно забележал дека на коловозот во лежечка положба се наоѓа едно лице во алкохолизирана состојба. Осомничениот започнал дејствие на заобиколување, но тоа го направил во недоволен лак и налетал на телото на оштетениот, нанесувајќи му тешки повреди. По настанот, осомничениот го оставил повреденото лице без помош и заминал во правец кон Гевгелија. Нанесените повреди кај оштетениот довеле до загуба на крв и нарушување на работата на витално важни органи, што резултирало со смртен исход.